27 јануари 2017

ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ЗА СИТЕ


Денес, на 27 јануари 2017, на прес конференција одржана во Кичево, Н.Е. Самуел Жбогар ја започна кампањата на Делегацијата на Европската Унија во Скопје „ЕУ за ТЕБЕ“.

Главна цел на кампањата е подигање на свеста и информирање на јавноста за помошта која ЕУ ја дава на земјата.

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ има тематски пристап и ќе започне со истакнување на важноста на одржувањето на чиста животна средина - една од клучните политики и секторски приоритети на ЕУ и област во која ЕУ инвестира.

Во текот на прес конференцијата, Н.Е. Самуел Жбогар истакна дека целокупната помош од ЕУ во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на ИПА 1 (2007-2013) и дека е планирана натамошна поддршка во вредност од 100 милиони евра, во рамките на финансиската распределба од ИПА 2.

Прес конференцијата за започнувањето на кампањата се одржа во Кичево,  еден од многуте градови во земјата каде ЕУ обезбедува финансиска помош за решавање на предизвиците од областа на животната средина. Во Кичево, ЕУ обезбеди финансиски средства во износ од 5,2 милиони евра за изградба на пречистителна станица и главен колектор од 4км. Проектот со вкупна вредност од 7,5 милиони евра се реализираше во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Кичево и јавните комунални претпријатија.

ПОМОШ ПО СЕКТОРИ

ВОДИ И ОТПАДНИ ВОДИ

Помошта на ЕУ во секторот Води во земјава главно вклучува инфраструктура за заштита на животната средина и сите активности поврзани со тоа: подготовка на проектна документација, градежни работи, супервизија на извршените работи, градење капацитет на локално и на централно ниво, идентификација на идните потреби и развој на тарифен систем. Главна цел е да имаме чисти реки и добри услуги за граѓаните преку подобрувањето на собирањето и третирањето на отпадните води на општинско ниво како и намалување на нивното негативно влијание врз квалитетот на водите, природата и здравјето.

Со помошта на ЕУ се подготви Национална студија за води со цел да се подготви земјава да ги постигне европските стандарди во таа област. Главна цел е да се заштити животната средина од негативното влијание на урбаните отпадни води и да се овозможи безбедна вода за пиење. Друг важен проект поддржан од ЕУ е Реформата во системот за водоснабдување, собирање и прочистување на урбаните отпадни води на локално ниво, кој се имплементира во неколку градови низ земјата и којшто треба да овозможи безбедно водоснабдување и адекватно третирање на отпадните води. Со помошта на ЕУ земјата се подготвува да изгради канализациска мрежа во повеќе региони. Целта на овој проект е имаме чисти реки, ослободени од отпадни води, со што граѓаните би имале ефикасна услуга со која ќе се унапреди собирањето и третирањето на отпадните води на општинско ниво.

Проекти:

Прочистување на речните корита на река Струмица и Црна река во Пелагонискиот регион

Експертиза за унапредување на управувањето со води преку подобро спроведување на законите

Поправка и надградба на канализациската мрежа во Прилеп, Берово и Куманово

Студии за собирање и третирање на отпадните води во општините Кичево, Струмица, Битола, Тетово, Велес и Штип

Изградба на Пречистителни страници за отпадни води во општините Кичево, Радовиш и Струмица