28 јануари 2009

Европски ден на заштита на податоците: Презентација на упатствата за заштита на приватноста на студентите

По повод Европскиот ден за заштита на податоците, на 28 јануари, Дирекцијата за заштита на личните податоци ги презентираше Упатствата за заштита на приватноста на студентите во ЕУ Инфо центарот.

На присутните им се обратија: Патрик ПАКЕ, раководител на политичкиот и информативен оддел во Мисијата на Европската Унија, Маријана МАРУШИЌ, директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Ѓорѓи ЈОВАНОВСКИ, директор на канцеларијата за информации во Советот на Европа и Елена СТОЈАНОВСКА, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста во Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Тие го истакнаа значењето на заштитата на личните податоци во современиот свет, особено со брзиот развој на комуникациските технологии.

“Законите за заштита на податоците се спроведуваат ширум Европската Унија, за да се обзебеди сигурност дека постапувањето со личните податоци се врши под јасно дефинирани правила, и на граѓаните на ЕУ да им се даде право да оспорат било какво погрешно постапување со нивните податоци. Но, без да има свесност, ефективната заштита е невозможна. Законските права и режими на заштита може да бидат ефективни само ако луѓето знаат дека тие постојат и знаат како да ги употребат. Денот на заштита на податоците претставува одлична можност за зголемено информирање во Европа и ширум светот”, истакна потпретседателот на Европската Комисија, Жак Баро по повод денот на заштита на податоците.