24 Февруари 2009

Конкурс за ЕУ теми – “Изрази се преку медиумите”

Конкурсот насловен “Изрази се преку медиумите” , кој е наменет за матурантите од средните училишта, беше отворен на 24 февруари во ЕУ Инфо центарот во Скопје. Овој конкурс е во организација на Школата за новинарство и односи со јавност, а е поддржан од Мисијата на Европската Унија.

12-те најуспешни дела на теми поврзани со ЕУ, ќе бидат наградени со стипендии кои ги доделува Школата. Кандидатите можат да ги достават своите дела во четири категории (ТВ прилог, ТВ спот, постер и фотографија) на три теми – “Зошто јас во ЕУ”; “9-ти мај е за сите нас”; и “Креативноста на мојата улица”.

Конкурсот беше официјално отворен од амбасадорот Ерван ФУЕРЕ, специјален претставник на Европската Унија и шеф на Делегацијата на Европската Комисија, кој притоа го истакна значењето на слободата на медиумите во демократските општества.

Жанета ТРАЈКОВСКА, директор на Школата, рече дека со конкурсот се стимулираат младите луѓе отворено да ги искажат своите ставови, да ги пренесат своите размислувања преку медиумите ,и притоа да добијат стипендии.

Наградените и најуспешните дела ќе бидат прикажани во ЕУ Инфо центарот на 7 мај, како дел од прославата на Денот на Европа. Наградените дела ќе бидат објавени и прикажани на неколку медиуми.

Повеќе информации:
http://www.mim.org.mk/index.php?option=com_content&task=view&id=155&Itemid=.