23 Април 2010

Ден на Европа 2010

Во текот на месец мај, ќе бидат организирани серија на настани со кои ќе се одбележи Денот на Европа- 9 мај 2010. Оваа година, Европската Унија ја одбележува 60 годишнината од Шумановата декларација, која за прв пат беше претставена на меѓународниот печат на 9 мај 1950.

Денот на Европа ќе се одбележи на повеќе начини – Делегацијата на Европската Унија, во соработка со одреден број на локални партнери ќе организира преку 30 настани, меѓу кои и мултиетнички хепенинг, дебати, предавања, натпревари, фестивали, концерти и традиционалниот Скопски маратон.

Централниот мултимедијален хепенинг ќе се одржи во Струга, каде учениците од основните училишта ќе ги презентираат сите 27 земји членки. Помали мултимедијални хепенинзи исто така ќе се одржат во 6 градови каде што се сместени ЕУ Инфо точките.

Денот на европското знаме традиционално ќе биде одбележан со поставување на европското и македонското знаме на Водно во близина на Скопје на 1 мај. Оваа година на 9 мај ќе се одржи Скопскиот маратон по 4-ти пат.

Покрај останатите настани, пет панел дискусии на важни прашања поврзани со ЕУ и пристапувањето на земјата во ЕУ, ќе бидат организирани во Куманово, Тетово, Неготино, Дебар и Крива Паланка.

Европскиот филмски фестивал ќе биде организиран во соработка со националната кинотека и амбасадите на земјите-членки, на кој ќе бидат прикажани некои од најновите достигнувања во европската кинематографија, додека пак во рамките на 6-то издание на Астерфест ќе бидат прикажани документарни и кратки европски филмови.

Европскиот ден во Скопје ќе биде одбележан со еден хепенинг кој ќе биде организиран во соработка со општината Центар, вклучително и “трката на келнери и келнерки” која ќе се одржи на 8 мај во центарот на Скопје, како и преку серија на концерти за класична музика од европски композитори, која ќе ја изведуваат ученици од музичко-балетскиот училишен центар “Илија Николовски- Луј”.

По повод Денот на Европа, Делегацијата на Европската Унија исто така ќе ги поддржи и Мајските оперски вечери и годишниот танц на матурантите.

Предавања на теми поврзани со ЕУ се предвидени за учениците и наставниците од основните училишта во Неготино, Крива Паланка и Дебар.

Заедничката цел на сите овие настани е да се приближи процесот на европски интеграции до граѓаните во земјата, која има статус на земја кандидатка за членство во ЕУ.

На 9 мај 1950, само пет години по завршувањето на Втората светска војна, на Quay d’Orsay во Париз, тогашниот министер за надворешни работи Роберт Шуман одржа говор, кој е познат како Шумановата декларација, со што се одбележа првиот официјален чекор кон создавањето на институцијата која прерасна во Европска Унија. Декларацијата го содржеше и формалниот предлог за француско-германска соработка за производство на јаглен и челик во рамките на првата Европска наднационална организација: Европска заедница за јаглен и челик.

Оттаму, речиси сѐ започна тој ден. Во текот на самитот во Милано на лидерите на ЕУ во 1985, беше одлучено да се одбележува 9 мај како "Ден на Европа".

За повеќе информации околу програмата за Денот на Европа, упатете се на следниов линк:

Целосен текст на Шумановата декларација: http://europa.eu/abc/symbols/9-may/decl_en.htm

Повеќе за Денот на Европа:
http://europa.eu/abc/symbols/9-may/euday_en.htm