02 ЈУНИ 2009


Изложба “Роботи на третиот милениум” од 2 до 23 јуни


На 2 јуни, во ЕУ Инфо центарот во Скопје беше отворена изложба на детски цртежи “Роботи на третиот милениум” која ќе биде поставена од 2 јуни до 23 јуни. Цртежите ги нацртаа ученици од 11 основни училишта од Скопје на креативната работилница која се одржа на 15 април како дел од Деновите на креативност и иновативност во ЕУ Инфо центарот.

Учениците ги поздрави Патрик Паке, раководител на секторот за политика и информирање во Мисијата на ЕУ, кој им се заблагодари за нивниот придонес кон Годината на креативност и иновативност, со тоа што учествуваа на работилницата која се одржа во април.

Европската Унија годинава ја прогласи за Година на креативност и иновативност. Целта е да се подигне свеста за значењето на креативноста и иновативноста за личниот, општествениот и економскиот развој; за дисеминација на добри практики; за стимулирање на образование и истражување, и промовирање на политички дебати за сродни прашања.