02 ЈУНИ 2009


Отворена нова ЕУ Инфо точка во НУБ “Св.Климент Охридски”


На 2 јуни, беше отворена нова Инфо-точка на Европската Унија во Националната и Универзитетска библиотека “Св.Климент Охридски” во Скопје.

ЕУ Инфо точката беше официјално отворена од амбасадорот Ерван ФУЕРЕ и Ивица БОЦЕВСКИ, Заменик претседател на Владата за евроинтеграции.

“Како што напредува процесот на интегрирање во ЕУ, дисеминацијата на информации за политиките на ЕУ ќе стане значително специјализирана, и оттаму ќе биде од особена важност за информативните релеи на ЕУ да им ги обезбедуваат овие информации на граѓаните. Инфо точките на ЕУ и ЕУ релеите се докажани како сигурни партнери”, рече амбасадорот ФУЕРЕ на свеченоста за отворањето.

ЕУ Инфо точката во НУБ “Св.Климент Охридски” ќе биде дел од информативната мрежа на ЕУ, која се состои од 7 Инфо точки кои се сместени во општините Битола, Гостивар, Кавадарци, Кочани, Куманово, Тетово и Велес, и 3 ЕУ релеи на универзитетите во Скопје, Битола и Тетово. ЕУ Инфо центарот во Скопје ја координира оваа информативна мрежа.

Главната цел на ЕУ Инфо точките е да бидат места каде граѓаните ќе можат да дознаат за функционирањето на Европската Унија, нејзините институции, политики и програми, како и за развојот на односите помеѓу ЕУ и поранешна Југословенска Република Македонија.

Информативните точки нудат бесплатен пристап до публикации кои се однесуваат на ЕУ, слободен пристап до веб страните на Европа, како и можност за учество на средби на кои се дискутираат прашања кои се од интерес на граѓаните.