26 ЈУНИ 2009


Округла маса “Визната либерализација во однос на преговорите за влез во ЕУ“ одржана во ЕУ Инфо центарот

На 26 јуни, тркалезна маса насловена “Визната либерализација наспроти преговорите за влез во ЕУ“ беше организирана во ЕУ Инфо центарот во партнерство со НВО Инфо центарот и Македонскиот центар за европски обуки, како дел од проектот “Време е за ЕУ”.



На округлата маса зборуваа амбасадорот Ерван ФУЕРЕ, специјален претставник на Европската Унија и шеф на Делегацијата на Европската комисија, Антонио МИЛОШОСКИ, министер за надворешни работи, Тито ПЕТКОВСКИ од Националниот совет за ЕУ интеграции и Лидија ДИМОВА од Македонскиот центар за европско образование, кои направија анализа на поврзаноста на визната либерализација со напредокот на земјата за отпочнување на преговори за пристапување. Панелисти на оваа округла маса беа: Димитар МИРЧЕВ- советник на претседателот, Ермира МЕХМЕТИ - Демократска унија за интеграција, Љубомир ФРЧКОВСКИ- аналитичар, Боби ХРИСТОВ-ТВ Алсат, Борјан ЈОВАНОВСК- Еврозум, Билјана СЕКУЛОВСКА- ТВ А1, Марија РИСТЕСКА- Центар за истражување и политики.

Амбасадорот Фуере истакна дека визната либерализација претставува одличен пример за постигнување кога има политичка воља за исполнување на критериумите. “Сепак, визната либерализација не претставува крајна цел, туку дополнителен поттик за понатамошната работа која треба да се заврши” рече амбасадорот ФУЕРЕ. Тој истака дека земјата треба да ги зајакне напорите во спроведувањето на останатиот дел од агендата за реформи за ЕУ, особено во областа на политиките за спречување на корупцијата, реформите на судството и јавната администрација, за да се добијат препораки за отпочнување на преговори за пристапување.

Министерот Милошоски рече дека успешното исполнување на критериумите за визната либерализација е резултат на заедничката посветеност на ЕУ и на земјата во овој процес, и истакна дека процесот на исполнување на критериумите за визната либерализација има мотивирачки ефект за македонските институции.
Учесниците генерално се сложија дека визната либерализација е добредојдена, но дека добивањето на препорака за отпочнување на преговори за пристапување останува да биде најголем приоритет.