07 ЈУЛИ 2009


Претседателството со ЕУ пренесено од Чешката Република на Шведска

На 07 јули, во ЕУ Инфо центарот се одржа прес конференција посветена на пренесувањето на претседателството со ЕУ од Чешката Република на Шведска.

Амбасадорот на Шведска Ларс ФРЕДЕН зборуваше за приоритетите во текот на следните шест месеци за време на претседателството на Шведска.

“Претстојните шест месеци ќе се карактеризираат со предизвици, но и со новини. Новиот состав на Европскиот парламент ќе започне со својата работа, и ќе биде назначен новиот состав на Комисијата. Условите за соработка ќе се изменат доколку Договорот од Лисабон стапи на сила. Најголемите и најзначајните предизвици се економијата, вработеноста и климатските промени”, објасни амбасадорот Фреден.

Тој истакна дека продолжувањето на процесот на проширување е од стратешко значење за да се осигура местото и напредокот во отворена и обединета Европа.

Зборувајќи за процесот на проширување, специјалниот претставник на ЕУ и шеф на Делегацијата на Европска комисија, амбасадорот Ерван ФУЕРЕ истакна дека визната либерализација претставува одличен пример за постигнувањата кога постои политичка воља за исполнување на критериумите. Тој истакна дека напорите за исполнување на одредниците за ЕУ треба да се удвојат пред добивањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на есен.

Повеќе детали за приоритетите на шведското претседателство може да се најдат на следнава адреса:
http://www.se2009.eu/en/the_presidency/work_programme