ЈУЛИ 2009

Комисијата предлага безвизен режим за граѓаните на Западен Балкан

Долгите заложби на Европската Комисија за безвижен режим се потврдија денеска со усвојувањето на предлогот за доделување на безвизен режим за граѓаните на поранешна Југословенска Република Македонија, Србија и Црна Гора. Денешниот предлог им овозможува на граѓаните на овие три земји да патуваат во Шенген земјите¹ со новите биометриски пасоши. Предлогот на Комисијата треба да биде одобрен од Советот по консултации со Европскиот Парламент.Комисијата останува посветена на заложбите за визна либерализација, исто така и за граѓаните на Албанија и Босна и Херцеговина. Меѓутоа, овие земји сеуште не ги имаат исполнето условите за да бидат дел од денешниот предлог. Доколку темпото на реформи се одржи и доколку сите услови се исполнети, Комисијата може да даде нов предлог во кој ќе бидат вклучени и овие две земји кон средината на 2010.

Презентирајќи го предлогот на Комисијата, Потпретседателот на Комисијата задолжен за правда, слобода и безбедност, Жак Баро рече:”Нашиот предлог носи навистина добри вести за граѓаните на Западен Балкан, уште повеќе за граѓаните на поранешна Југословенска Република Македонија, Србија и Црна Гора. Јас знам колку им значи безвизниот режим . Денешниот предлог е резултат на интензивната и напорна работа на властите и народот во овие земји во правец на исполнување на условите. Јас им честитам за нивните достигнувања”.

Комесарот за проширување Оли Рен додаде ”Наша цел и силно убедување е дека Албанија и Босна и Херцеговина набргу ќе го исполнат истото. Патоказот е сеуште валиден, и сеуште совршено изводлив доколку властите со целосна подготвеност пристапат кон исполнување на условите. Доколку напредокот продолжи, јас верувам дека и двете земји ќе ги стигнат своите соседи. Ако се исполнат сите услови, Комисијата ќе даде нов предлог, кон средината на 2010 година во кој ќе бидат вклучени и двете земји”.
Одобрувањето на безвизниот режим претставува камен темелник за интегративните политики на ЕУ за Западен Балкан.

Овозможувањето на контактот меѓу луѓето ги зголемува можностите за бизнис и им овозможува на народите од овој регион подобро да ја запознаат Европската Унија. Меѓутоа, безвизниот режим е можен само доколку бидат исполнети потребните безбедносни услови. Токму затоа Комисијата го отвори дијалогот за либерализација на визниот режим со земјите на Западниот Балкан. Врз основа на патоказот за безвизен режим кој беше претставен од Комисијата, земјите остварија значителен напредок во подобрувањето на безбедноста на пасошите, зајакнувањето на граничната контрола, подобрувањето на институционалните рамки за борба против корупцијата и организираниот криминал, како и во надворешните односи и основните права.
 

Комисијата внимателно ги набљудуваше овие подготовки. Условите се исти за секоја земја. Поранешна Југословенска Република Македонија ги исполни сите неопходни услови. Стапувањето во сила на визната либерализација за Србија и Црна Гора ќе зависи од исполнувањето на преостанатите одредници од нивните патокази за визна либерализација до датумот на усвојување на овој предлог од страна на Советот. Албанија и Босна и Херцеговина треба да продолжат со напорите за добивање на позитивни препораки од Советот.

Во Албанија и Босна и Херцеговина сеуште постојат недостатоци во однос на институционалната рамка за борба против организираниот криминал и корупцијата, во справувањето со слабостите во постапката за издавање на пасоши, и во областите за управување со границите и миграцијата.

Населението на Косово (според Резолуцијата 1244/99 на Советот за безбедност на ОН) сеуште нема да има придобивки од визната либерализација. Техничките барања за визна либерализација сеуште не се исполнети на територијата на Косово. Во таа насока, Комисијата ќе продолжи тесно да соработува со косовските и со српските власти за изнаоѓање на начини за справување со визното прашање во иднина.


¹ Вклучително Швајцарија, Норвешка, Исланд и сите членки на ЕУ освен Велика Британија и Ирска