2 Ноември 2009

Денови на климатските промени во ЕУ Инфо центарот

Во пресрет на Самитот за климатски промени во Копенхаген 2009, Мисијата на ЕУ ќе организира серија на настани поврзани со намалувањето на емисијата на стакленички гасови и активностите за прилагодување на европските политики поврзани со реалноста на климатските промени.

Намерата е да се подигне свеста за човечкото влијание врз климата, да се информира за новите пристапи за намалување на емисијата на стакленички гасови и да се повика на заеднички активности за борбата против климатските промени. Покрај тоа, целта е да се охрабрат понатамошни дискусии на национално ниво за прашања поврзани со климатските промени и неопходните активности.

Во период од 3-13 ноември, посетителите на ЕУ Инфо центарот ќе имаат можност да ја видат изложбата “Енергија – кој е изборот за иднината” од страна на познатиот француски фотограф Јан Артус – Бертранд. Изложбата е организирана во соработка со Францускиот Културен Центар.

На 3 октомври, ќе се одржи предавање и работилница за климатските промени за ученици од основни училишта. За време на работилницата, учениците ќе напишат пораки кои ќе бидат изложени на специјално изработено пано за изложување во форма на ветерница. Исто така, ќе бидат прикажани документарни филмови од Аудио визуелниот сервис поврзани со климатските промени.

На 6 ноември, ќе се организира предавање за студенти на тема “Соочување со глобалните климатски предизвици – улогата на ЕУ и локалните перспективи”.

На 12 ноември, ЕУ Инфо центарот ќе организира панел дискусија на тема “Во пресрет на Самитот за климатските промени во Копенхаген 2009”, на кој ќе учествуваат експерти и активисти со искуство и знаење за животната средина и климатските промени.