15 Декември, 2009

Објавен е добитникот на наградата за новинарски труд “Жан Моне”

Добитникот на наградата “Жан Моне” на конкурсот за новинари, објавена од Делегацијата на Европската Унија е Јосиф ЌУРЧИЕВ, поранешен новинар на Дојче Веле и колумнист на Утрински Весник. Тој ја освои наградата за најдобар новинарски труд за овогодинешната тема “Од падот на железната завеса во 1989 година до проширувањето во 2004 година” за серија на статии објавени во Утрински Весник.

Делегацијата на Европската Унија на 15 декември организираше традиционален настан, на кој Амбасадорот Ерван ФУЕРЕ му ја врачи наградата Г-дин ЌУРЧИЕВ.

Медиумите имаат многу важна демократска улога во јавниот живот: вие сте одговорни за објавување на вистината. Затоа, јас силно ве подржувам да ги засилите вашите напори за унапредување на нивото на професионалност во новинарството, рече Амбасадорот ФУЕРЕ и додаде дека Делегацијата на Европската Унија ги смета медиумите како клучни партнери во комуницирањето на вредностите и стандардите на Европската Унија кон читателите и гледачите.

Добитникот изрази благодарност за наградата и нагласи дека серијалот не бил наменет за конкурсот туку имал за цел да ги објасни важните процеси во Европа што започнале пред 20 години во земјите на Југоисточна Европа.

Темата беше одбрана со цел да се одбележи 5-годишнината од најголемото проширување на ЕУ и 20-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид.

Оваа година, членовите на жирито оценуваше 70 печатени статии и ТВ и радио емисии. Членови на жирито беа: Г-ѓа Гонца СТОЈАНОВСКА, од Секретаријатот за европски прашања, Г-ѓа Соња БОНЕТ, од Амбасадата на Германија, Г-дин Газмент АЈДИНИ, од Асоцијацијата на новинари, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија.

Наградата се состои од мала статуетка и парична награда од 1000 Евра.

Оваа година настанот беше збогатен со два дополнителни елементи: промоција на дополнетата верзија на книгата “Eвропа од А до Ш”, од Варнер ВЕИДЕНФИЛД и Волфганг ВЕСЕЛС, објавена од фондацијата Конрад Аденауер, во соработка со Делегацијата на Европската Унија, СЕП и ГТЗ, и отворање на изложбата “Европа без граници”, од фотографите аматери Елена ГЕОРГИЕВА и Кристина ГЕОРГИЕВА.

+ Фото галерија од настанот