14 април 2016

Културни приказни: Предавање на Горан Стефановски - „Тинтин на Балканот“

На 14 Април (четврток) со почеток во 19:30 часот, ЕУ Инфо Центарот на Делегацијата на Европската Унија организираше предавање одржано од страна на Горан Стефановски на тема „Тинтин на Балканот“ - нивните клишеа за нас и нашите клишеа за нив

Најпознатиот и најценетиот драмски писател, сценарист и есеист во земјата, зборуваше за културните и социо-политичките стереотипи кои постојат во односите меѓу Балканот и Европа. Предавањето ги потенцираше клишеата и стереотипите креирани од страна на јавноста и медиумите во вид на Тинтин цртан филм. „Авантурите на Тинтин“ (француски: Les Aventures de Tintin) е серија на стрипови создадени од страна на францускиот карикатурист Жорж Реми (1907-1983), пoпознат под псвдонимот Ерж.

Серијата беше една од најпознатите европски стрпови на 20-от век. До одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ерж во 2007 година, Тинтин беше објавен на повеќе од 70 јазици, продавајќи се во повеќе од 200 милиони примероци. Во едно од изданијата се зборува за млад белгиски новинар Тинтин и неговото куче Снешко кои патуваат до измислената балканска земја Силдавија, каде што се борат против заговорот за соборување на монархијата на Кралот Мускар ХII.

Горан Стефановски (роден 1952 година во Битола, со живеалиште во Кентербери, Велика Британија) е истакнат драматург, сценарист и есеист. Го основал одделот за драматургија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што и работел како професор се до 1998 година. Добитник е на стипендијата Фулбрајт од Универзитетот Браун во САД, и е визитинг професор на Драмскиот Институт во Стокхолм, Шведска. Во 2002 година се придружува кон Универзитетот Кентербери Крајстчрч во Велика Британија, како професор по предметот драматургија. Стефановски е широко познат драматург, добитник на многу меѓународни признанија. Тој е вклучен во теоретско и практично истражување на пишување на сценарија, но исто така се занимава и со прашања поврзани со културниот идентитет и политиката.

Повеќе информации за предавачот: www.goranstefanovski.co.uk


/></a></html>