23 февруари 2017

Дебата „Христијански философски форум“

Првата дебата во серијалот „Христијански философски форум“ ЕУ ИнфоЦентарот ја организираше во соработка со Филозофското друштво. Целта на овој серијал е форумот да дејствува како дијалошка платформа која се состои од дискусии на различни философски, теолошки, социјални, политички, етички и културни теми.

Фундаменталните философски прашања во современата европска мисла се конструирани и дискутирани во релација со религискиот дискурс на христијанството. Всушност, христијанската култура ја има улогата на референтна точка на различни прашања и дебати. Христијанскиот философски форум ги отвори овие теми и се дискутираше околу нивниот однос со оваа референтна точка, експлицирајќи ги при тоа експлицитните и имплицитните димензии на тој однос.

Првата дискусија на Христијанскиот философски форум се сосредоточи врз полисемантичниот поим ARCHE, кој може да се преведе како: почеток, потекло, начело, но исто така и како власт и началство. Дискусијата ги опфати основните значења на предложениот термин, но исто така и импликациите на современите социо-политичките стварности во интерпретацијата на терминот ARCHE.

Првата дебата ја водеа отец д-р Милан Ѓорѓевиќ (Богословски факултет, УКИМ – Скопје) и д-р Ристо Солунчев (Филозофски Факултет, УКИМ – Скопје) а нивни гости беа проф. д-р Иван Додовски (UACS School of Political Science, UAC – Skopje) и проф. д-р Ненад Марковиќ (Правен факултет, УКИМ – Скопје).


/></a></html>