16 февруари 2017

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“ во Берово


Амбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние го посетија Берово, како дел од неодамна започнатата кампања „ЕУ за ТЕБЕ“.

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ" започна на 27 јануари во Кичево и има за цел да ја подигне свеста и да ја информира јавноста за помошта којашто ЕУ ја дава на земјата.

Во склоп на првата тема - Животна средина, кампањата патува по градовите низ земјата во кои ЕУ поддржува активности за справување со загадувањето и обезбедување на „чиста животна средина за сите“ (мотото на оваа кампања).

Во Берово, ЕУ обезбеди финансиска помош од повеќе од 3 милиони евра за рехабилитација и проширување на канализационата мрежа. Проектот се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Берово и Пехчево и нивните јавни комунални претпријатија. Инвестициониот проект вклучува мрежа во должина од околу 25 километри, а посебно е предвидено:

  • Замена на примарниот канализационен колектор (на левиот и десниот брег на реката Брегалница) во Берово;
  • Изградба на систем за собирање на атмосферските води во Берово;
  • Изградба на примарни и секундарни канализациони колектори за населбата Смојмирово;
  • Изградба на главната канализациона цевка за населбите Пехчево и Чифлик;
  • Проширување на секундарната канализациона мрежа во пределот на Беровското езеро;
  • Изградба на примарен колектор и дел од канализационата мрежа во населбата Владимирово.

Целокупната помош од ЕУ на земјата во областа на животната средина, изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на ИПА 1 (2007-2013), додека натамошна поддршка, во вредност од 100 милиони евра, е планирана во рамките на финансиската распределба од ИПА 2.