15 февруари 2017

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ„ во Гевгелија


Aмбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија, ја посети Гевгелија, како дел од неодамна започнатата кампања „ЕУ за ТЕБЕ“, каде се сретна со градоначалникот на Гевгелија г. Иван Франгов и присуствуваше на отворањето на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во Гевгелија“.

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ" има за цел да ја подигне свеста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Во склоп на првата тема - животна средина, кампањата патува по градовите низ земјата во кои ЕУ поддржува активности за справување со загадувањето и обезбедување на „чиста животна средина за сите“ (мотото на оваа кампања).

Целокупната помош од ЕУ во земјата во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на ИПА 1 (2007-2013), додека натамошна поддршка во вредност од 100 милиони евра е планирана во рамките на финансиската распределба од ИПА 2.

Проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во Гевгелија“ има за цел подобрување на системот за водоснабдување, т.е. квалитетот на водата за пиење во градовите Гевгелија и Богданци. Благодарение на проектот, ќе се зачува здравјето на населението, ќе се зголемат заштедите на домаќинствата и ќе се унапреди локалното стопанство. Проектот во целост вклучува изградба на 4 бунари, пумпни станици, станици за хлорификација, цевки за вода и резервоар за вода со капацитет од 1000 м3. .

Вкупната вредност на проектот изнесува 1.4 милиони евра, од кои 17,5% се обезбедени од ИПА фондовите (260,000 евра без ДДВ)