7 февруари 2017

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ " во Прилеп


Амбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската Унија и германската амбасадорка Кристине Алтхаузер го посетија Прилеп како дел од неодамна започнатата кампања „ЕУ за ТЕБЕ".

Кампањата „ЕУ за ТЕБЕ" започна на 27 јануари во Кичево и има за цел да ја подигне свеста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.

Во склоп на првата тема - животна средина, кампањата патува по градовите низ земјата во кои ЕУ поддржува активности за справување со загадувањето и обезбедување на „чиста животна средина за сите“ (мотото на оваа кампања).

Во Прилеп, ЕУ обезбеди финансиска помош во износ од 21,5 милиони евра за изградба на пречистителна станица за третман на отпадни води, рехабилитација и проширување на канализационата мрежа (во две фази). Проектот се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, општина Прилеп и Јавното комунално претпријатие ЈКП Водовод и канализација - Прилеп. По изградбата, 95% од жителите треба да бидат поврзани со канализационата мрежа, доколку пречистителната станица за третирање на отпадни води треба да ги обезбеди стандардите за квалитет според Директивата на ЕУ за урбани отпадни води и според националното законодавство.

Прилеп и Пелагонискиот регион исто така имаа придобивки и од програмата за опоравување од поплави во вредност од 10 милиони евра, финансирана од страна на ЕУ и спроведена од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Во рамките на оваа програма, исчистени се 46 километри од коритото на Црна река, намалувајќи го со тоа ризикот од поплави за повеќе од 230,000 лица.

Целокупната помош од ЕУ во земјата во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на ИПА 1 (2007-2013), додека натамошна поддршка во вредност од 100 милиони евра е планирана во рамките на финансиската распределба од ИПА 2.