Перспектива за поголем ангажман на ЕУ со земјите од Западен Балкан 

 

Ако сакаме поголема стабилност во нашето соседство, мораме да одржиме една кредибилна перспектива за проширување за Западен Балкан. Јасно е дека во мандатот на оваа Комисија и овој Парламент нема да има проширување на Унијата. Ниту една од земјите кандидатки не е подготвена. Но потоа Европската унија ќе има повеќе од 27 земји членки. Земјите кои пристапуваат на Унијата мора да стават врвен приоритет на владеењето на правото, правдата и фундаменталните права во процесот на преговори“.

Жан-Клод Јункер, претседател на Европската комисија, во своето годишно обраќање, 13 септември 2017 година.

Процес на проширување

Процесот на приклучување кон ЕУ најопшто се состои од 4 фази:

1.      Западен Балкан има европска перспектива. Денес земјите од овој регион веќе ги користат бенефитите од значителната помош од ЕУ, од договорите за стабилизација и асоцијација кои им овозможуваат пристап до внатрешниот пазар на ЕУ и детални совети во однос на политиките. Новата Стратегија која се однесува на Западен Балкан а која е усвоена од Комисијата на 6 февруари 2018 година предвидува значително зголемување на поддршката од ЕУ

2.      Кога државата ќе ги исполни основните политички, економски и реформски критериуми, таа може да стане официјален кандидат за членство.

3.      Потоа земјата кандидат преминува кон формално отворање на преговорите. Се работи за вкупно 35 поглавја во сите политички области, за да се обезбеди дека земјите кандидатки се целосно подготвени за членство. Силен акцент тука се става на реформите во фундаменталните области како што се владеењето на правото, човековите права и формите во јавната администрација и економијата. За земјите од Западен Балкан, регионалната соработка и добрососедските односи се од суштинско значење за нивно напредување по европскиот пат.

4.      Кога ќе завршат преговорите и соодветните реформи, на задоволство на двете страни, се финализира Договорот за пристапување, истиот се ратификува и државата станува членка на ЕУ.

Критериуми за проширување

Договорот за Европската унија предвидува дека секоја европска држава може да аплицира за членство ако ги почитува демократските вредности на ЕУ и ако е посветена на нивно промовирање. ЕУ исто така треба да биде во можност да интегрира нови членки.

Земјите кои сакаат да се приклучат на Европската унија мора да имаат:

·        Стабилни институции со кои се гарантираат демократијата, владеењето на правото, човековите права и почитувањето и заштитата на малцинствата;

·        Функционална пазарна економија и капацитет за справување со конкуренцијата и со пазарните сили во ЕУ;

·        Да бидат способни да преземаат и ефективно да ги имплементираат обврските кои произлегуваат од членството, вклучувајќи придржување кон целите на политичката, економската и монетарна унија.

Со цел да ги исполнат критериумите за членство во ЕУ и својот сопствен интерес, земјите од Западен Балкан треба да спроведат сеопфатни реформи во клучни области. Владеењето на правото, основните права и управувањето мора значително да се зајакнат. Судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на јавната администрација треба да обезбедат вистински резултати а исто така е неопходно сериозно да се зајакне функционирањето на демократските институции. Економските реформи мора да се спроведуваат со енергичност, така што ќе се решаваат структурните слабости, недоволната конкурентност и високата стапка на невработеност.

 Сите држави мора едногласно да се посветат, со зборови и дела, на надминување на наследството од минатото, преку помирување и решавање на отворените прашања, особено на пограничните спорови, многу пред да пристапат кон Европската унија.